top of page

ЗА ПРОЕКТОТ

Креативно-едукативна работилница по основи на картографијата и креативното пишување „Да ги доближиме природните и техничките науки до младите: Забавна картографија“ ги запозна основките и основците со основите на картографијата, народните гатанки и асоцијациите. Поради пандемската ситуација се одржа онлаин, преку Зум-платформата, на 28 и 29 ноември 2020 година, од 17 ч. до 18.20 ч.

 

Проектот побуди голем интерес кај основците и основките од сите одделенија, особено од пониските, но и кај нивните родители и родителки, односно старатели и старателки. И нивните предметни наставници/наставнички и класни раководители/раководителки беа доволно интригирани од природата на работилниците и желни да ја пренесат информацијата за нив во одделенија каде предаваат. На оналин работилниците присуствуваа 32 ученици и ученички од I до IX одделение (со исклучок на II одделение) од 13 основни училишта од Македонија, вклучително и од подрачјето на град Скопје: ООУ „Лазо Ангеловски'' – Скопје; ОУ „Петар Здравковски – Пенко“ – Скопје; ОУ „Јан Амос – Коменски“ – Скопје; ООУ „Јохан Хајнрих – Песталоци“ – Скопје; ОУ „Кузман Јосифовски Питу“ – Скопје; ОУ „Кочо Рацин" – Охрид; ОУ „Даме Груев“– Битола; ОУ „Коле Каниски“ – Битола; ООУ „Сандо Масев“ – Струмица; ООУ „Герас Цунев“ – Просениково, Струмица; ОУ „Кирил и Методиј“ – с. Канатларци, Прилеп; ОУ „Климент Охридски“ – Прилеп и ОУ „Блаже Конески“ – Прилеп.

На првата сесија, преку фотографии и други електронски визуелни средства, на децата им беа претставени основите на картографијата и основните релевантни термини и примитиви од науките: географија, картографија и биогеографија, како на пример карта, мапа, типови на карти односно мапи (физички, топографски, географски итн.), легенда на картите, полиња на интерес, патека, споени патеки, патеки што се разидуваат, основни географски поими (релјеф, висорамнини, ридови, планини, населени места и сл.), страни на светот (север, југ, исток, запад, северо-исток, северо-запад, југо-исток, југо-запад), правци на движење (право, лево, десно, напред, назад, горе, долу итн.), боите, нивните нијанси и нивното значење на мапите (светло зелена, темно зелена, бела, кафена и др.).

 

Потоа им беа претставени и основите на биогеографијата и тоа преку основните сознанија за животните: кои животни живеат во Скопската зоолошка градина, на кое животно какви климатски услови му се потребни за да преживее, на кое животно кој му е природниот хабитат и каде се наоѓа (под земја, во вода и сл.), какви видови животни постојат, какви им се живеалиштата, кои животни каква исхрана имаат, нивната надворешна, визуелно лесно воочлива анатомија и морфологија на телото и сл. Наставата беше интерактивна, се одвиваше преку прашање-одговор и наведување на децата да размислуваат за да можат сами да дојдат до одговорот. Комуникацијата беше двонасочна, со отстапено време за децата половина од целата сесија. На крајот, им се додели задача да ја прецртаат мапата на Зоолошката градина во Скопје сосе легендата и со тоа да го повторат предадениот материјал.

 

На втората сесија на основките и основците, преку интерактивна настава и визуелни материјали, им беа претставени гатанките и асоцијациите. Во текот на наставата беа охрабрувани да погодуваат. Тие покажаа големо знаење од оваа област, како и од областа на животните, за разлика од делот со картите кој им беше многу нов. При крајот, на децата им беше зададена задача да напишат гатанки и асоцијации за животните. Сите одговорија успешно на задачите.

 

Целата на работилниците беше учениците и ученичките да умеат сами да ги направат и да ги читаат легендите и полињата на интерес, односно, накратко, да се снајдат на мапа, т.е. да умеат да читаат мапи за потоа да умеат да се снајдат во просторот. За да им биде познато и согласно возраста, изборот на тема на работилниците беше Зоолошката градина во Скопје и типовите на животни. Главната цел на делот на работилницата за креативно пишување беше да им ги развие на децата вештините на пишување и читање, како и љубовта кон нив и со тоа да придонесе да се подобрат во вештината на активното читање. Исто така, целта на креативното пишување беше и да ги охрабри јавно и гласно да си ги изразуваат мислите и ставовите, како и да артикулираат јасно, прецизно и разбирливо. Задачите што им беа зададени, а на кои сите деца, и помалите и поголемите одговорија успешно, беа да ја прецртаат мапата на Скопската зоолошка градина и да напишат свои авторски гатаники и асоцијации на тема животни.

Крајните согледби се многу позитивни. Проектот беше пофален од страна на родителите и родителките, односно старателите и старателките, како и од страна на наставниците и наставничките кои ги надгледуваа децата приклучени онлаин. Децата беа радосни, земаа активно учество во предавањето и уште на самата сесија успешно и целосно ги завршија зададените задачи. Работилниците се покажаа успешни и поради тоа што дојдоа како надополнување на формалното образование, особено по предметите географија и биологија и поттикнаа поголема љубов кон овие предмети кај присутните деца.

bottom of page